Од следната сезона максималната должина на трките ќе биде намалена од 305 на 290 километри.
Формула 1 од 2027 година ќе има пократки трки. Комисијата на Формула 1 на состанокот во Лондон донесе одлука вкупната должина на трките да биде намалена од досегашните 305 на 290 километри.
Тоа значи намалување од 15 километри, односно зависно од патеката трките ќе имаат две или три круга помалку. Одлуката е поврзана со измените на регулативите за погонските единици, кои ќе стапат во сила следната година.
Промените во протокот на гориво се една од причините за намалувањето на дистанцата. Со оглед на тоа што капацитетот на резервоарот нема да биде зголемен, одржувањето на досегашната должина би создавало дополнителни предизвици за тимовите.
Покрај скратувањето на трките, од 2027 година ќе биде укинато и досегашното ограничување од три часа за вкупното времетраење на трката, во кое се сметаат и прекините. Ќе остане ограничувањето од два часа на реално тркање. Целта е при дожд, црвени знамиња или други прекини да има поголема можност да се заврши целата предвидена дистанца.
Комисијата одлучи и да има поголема флексибилност за продолжување на слободните тренинзи доколку тие бидат прекинати, додека за 2027 година ќе биде укината и хомологацијата на менувачите, со што производителите ќе добијат поголема слобода за нивен развој.
Сите овие регулаторни измени допрва треба да бидат официјално одобрени од Светскиот совет за моторспорт на ФИА.