Тренерот на Барселона, Ханси Флик, пронајде дополнително решение за проблемите во одбраната пред натпреварите против ПСЖ и Реал Мадрид.
Флик одлучи да го вклучи 18-годишниот Алекс Кампос во списокот на патници за Париз за дуелот во Лигата на шампиони (ЛШ). Младиот стопер доаѓа од вториот тим на каталонскиот гигант, каде што оваа сезона ги одигра сите седум првенствени натпревари од првата до последната минута.
Барселона за дуелот со ПСЖ нема да може да смета на Жил Кунде и Ерик Гарсија поради повреди, додека Андреас Кристенсен исто така е надвор од конкуренција, а истите фудбалери најверојатно нема да настапат ниту во „Ел Класико“.
Кампос досега не беше меѓу главните кандидати за првиот тим, но неговите настапи во Барса Атлетик му донесоа повик за еден од најголемите предизвици кои се пред каталонскиот тим.