Клубот од Чегране остро реагира за нереализариција на теренот. Клубот своите мечеви како домаќин ги игра во Гостивар.
Фудбалскиот клуб Арсими преку официјално соопштение изрази остра реакција и загриженост поради нереализираниот проект за реконструкција на фудбалскиот терен во Чегране. Од клубот бараат итна одговорност од надлежните институции и изведувачот, истакнувајќи дека тие се најголемите оштетени во целиот процес.
Според податоците што ги наведува клубот од Центарот за граѓански комуникации, договорот за реконструкција бил потпишан уште во март 2023 година од страна на тогашната Агенција за млади и спорт, со вкупна вредност од околу 112.000 евра. Иако на компанијата изведувач ѝ биле исплатени околу 70.000 евра, проектот што требало да биде готов во декември 2023 година сè уште не е завршен. Поради непочитување на договорните обврски, Министерството за спорт го раскинало договорот на 10 ноември 2025 година.
Од КФ Арсими јасно истакнуваат дека клубот нема никаква правна, финансиска или организациска поврзаност со јавната набавка и изведбата на проектот. Поради неработењето на теренот, клубот со години е принуден да игра и тренира надвор од своето село, што им создава огромни дополнителни трошоци и проблеми.
Во своето соопштение, Арсими упати три клучни барања:
- Од компанијата изведувач: Јавно да каже кои работи се реално изведени, кои останале незавршени и кои се причините за прекршување на роковите.
- Од инвеститорот (институциите): Да објасни врз која основа се извршени исплатите, какви контроли се спроведени и кои мерки се преземени за утврдување одговорност.
- За јавна транспарентност: Вредносен увид и објавување на сите исплати, извештаи за надзор и документација за преземените мерки за заштита на јавните пари.
Покрај барањето за одговорност и најавата за можни правни чекори, од клубот соопштуваат и позитивни вести за надминување на проблемот. Арсими е во завршна фаза на преговори со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за преземање на дел од обврските за довршување на теренот, а подготвеност за поддршка изразила и Општина Гостивар.