Фудбал

ФИФА организира нов Мундијал на кој ќе учествува и Македонија!

ФИФА организира нов Мундијал на кој ќе учествува и Македонија!

Македонската репрезентација до 15 години ќе настапи на Светското првенство во новиот формат 7+1, кое ќе се одржи во Баку, Азербејџан.

ФИФА организира ново светско натпреварување за младински фудбалери, а меѓу учесниците ќе биде и Македонија. Нашата репрезентација до 15 години, составена од фудбалери родени во 2011 година, ќе настапи на Светското првенство во форматот 7+1, кое ќе се одржи од 22 октомври до 1 ноември во Баку, Азербејџан.

Станува збор за нов проект на ФИФА, со кој се отвора дополнителен простор за развој на младите фудбалери и стекнување меѓународно искуство. Натпреварите ќе се играат со седум играчи во поле и голман, а средбите ќе траат 40 минути, поделени во две полувремиња од по 20 минути.

Форматот носи и неколку специфични правила. Дозволени се неограничени, таканаречени „летечки“ измени, а топката при аут се внесува со нога. Правилото за офсајд ќе важи само во зоната од 23 метри пред гол-линијата.

Македонија во групната фаза ќе одигра пет натпревари, а противници ќе ѝ бидат Панама, Чад, Кенија, Малта и Нигер. Дуелите ќе се играат во комплексот Ховсан во Баку, а најдобрите ќе добијат можност да продолжат во елиминациската фаза.

Селекторот на македонската репрезентација, Горан Станковски, веќе го објави списокот на повикани фудбалери.

Голмани: Марио Стојковски (Њу Стар), Максим Ѓоревски (Виена ФЦ);

Одбрана: Стефан Арсов (АИК Стокхолм), Дин Рожајац (ФФМ Академија), Ејман Емини (ФФМ Академија), Јетмир Асани (Вардар), Хамза Зубери (Скопје);

Среден ред: Давор Танески (ФФМ Академија), Фишник Амити (Шкендија), Јоан Ѓорѓиевски (Академија), Стефан Стојаноски (Академија);

Напад: Јован Јанчевски (Академија), Драган Петков (Њу Стар), Доротеј Христов (Скопје);

Распоред на натпреварите на Македонија:

  • 24 октомври: Македонија – Панама (12:45 часот)
  • 25 октомври: Чад – Македонија (10:30 часот)
  • 25 октомври: Македонија – Кенија (17:15 часот)
  • 26 октомври: Малта – Македонија (09:15 часот)
  • 26 октомври: Македонија – Нигер (16:00 часот)