Кошаркарската федерација на Македонија се пофали дека добила одлична оценка од ФИБА за организацијата на Европското првенство Б дивизија за играчи до 18 години.
Соопштението на КФМ ви го пренесуваме во целост:
Уште едно европско кошаркарско првенство успешно заврши во Македонија, оставајќи зад себе одлични оценки за организацијата, условите и целокупната реализација на шампионатот.
Кошаркарската федерација на Македонија беше домаќин и организатор на Европското првенство за мажи до 16 години – Дивизија Б, кое се одржа во Скопје и Гевгелија и на кое настапија најдобрите млади кошаркари од повеќе европски земји.

Покрај квалитетната кошарка и возбудливите натпревари, шампионатот беше уште една можност Македонија да ја потврди својата способност за организација на големи меѓународни спортски настани.
За успешната реализација, Кошаркарската федерација на Македонија доби и специјална плакета како признание за успешната организација на првенството.
Сепак, уште позначајно од самото признание беа пофалните зборови од претседателот на FIBA Europe, Jorge Garbajosa, кој за време на својот престој во Македонија позитивно ја оцени организацијата и целокупната реализација на шампионатот.

Во својата оценка, Garbajosa посочи дека Македонија конечно се етаблира на вистинскиот пат кон градење на вистинско и трајно пријателство со „куќата на европската кошарка“, испраќајќи јасна порака дека нашата земја станува сигурен и доверлив партнер на FIBA Europe.
Токму оваа оценка има особена тежина. Таа не е само признание за успешно организирано европско првенство, туку и потврда дека Македонија чекор по чекор го зацврстува своето место во европското кошаркарско семејство.
Успешната организација на Европското првенство до 16 години – Дивизија Б е уште една потврда за професионалноста, посветеноста и организацискиот капацитет на Кошаркарската федерација на Македонија, но и силен сигнал дека нашата земја повторно гради доверба и партнерски однос со највисоките структури на европската кошарка.

Македонија покажа дека знае да биде добар домаќин. А уште поважно – покажа дека сака и може да биде дел од иднината на европската кошарка.