Кошаркарската Евролига денеска потврди дека фајнал-форот за актуелната сезона ќе се одржи во Абу Даби.
По вторпат во историјата, „Етихад арената“ ќе биде домаќин на завршницата на најелитното европско клупско кошаркарско натпреварување. Претходно, фајнал-форот се одржа во 2025 година, кога титулата ја освои Фенербахче.
Четирите најдобри европски екипи ќе се борат за трофејот во Евролигата од 28 до 30 мај. Покрај тоа, главниот град на Обединетите Арапски Емирати ќе биде домаќин на фајнал-форот и во 2029 година.
„Ми претставува големо задоволство да објавам дека фајнал-форот се враќа во Абу Даби. Би сакал да му се заблагодарам на Абу Даби за континуираната поддршка и доверба. Заедно организиравме еден од најдобрите фајнал-фори во нашата 26-годишна историја, докажувајќи ја огромната глобална привлечност на доживувањето што го нуди Евролигата. Оваа нова пресвртница ја потврдува нашата заедничка посветеност на развојот на кошарката и создавањето незаборавни искуства за нашите навивачи“, изјави првиот човек на Евролигата, Дејан Бодирога.