Фудбал

Фабијани: Предност на КуПС е натпреварувачкиот ритам, мора да го смениме менталитетот

Фабијани: Предност на КуПС е натпреварувачкиот ритам, мора да го смениме менталитетот

Вардар ги заврши подготовките во Финска и е подготвен за реваншот против КуПС во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Македонскиот шампион ќе има тешка задача да ја надомести негативата од 0-2 по поразот во Скопје, но во таборот на „црвено-црните“ веруваат дека шансите сè уште постојат.

Тренерот Кристијан Фабијани истакна дека неговата екипа мора да настапи многу помирно и поискусно отколку на првиот натпревар, кога двете дефанзивни грешки скапо го чинеа Вардар.

Важно ми е на овој натпревар да го смениме менталитетот. На првиот меч до голот игравме добро, но примивме гол во најлош можен момент пред крајот на полувремето. Најголема предност на КуПС е што се во натпреварувачки ритам, имаат повеќе мечеви од нас и тоа го гледам само како плус за нив. Ние нема очајнички да влеземе во овој натпревар и безглаво да бркаме резултат. Сакам да видам еден организиран Вардар на теренот кој ќе се бори за секоја топка и педа на теренот. Сакам ред и дисциплина, сѐ да биде плански и постепено. Ќе ги немаме во тимот Торес и Босанчиќ, но на тоа не смееме да гледаме како хендикеп, туку целиот тим очекувам да се бори да ги надополни нив. Сите играчи кои се во ростерот мора да сфатат дека нема прва и втора екипа, туку секој што ќе добие шанса, да даде максимум затоа што го носи дресот на Вардар”, изјави Фабијани.

Реваншот меѓу КуПС и Вардар се игра во вторник со почеток од 17:00 часот, а правдата ќе ја дели судиска екипа од Шкотска.