Радослав Пјесевич е уапсен за примање на мито при склучување спонзорски договори.
Претседателот на Полскиот олимписки комитет, Радослав Пјесиевич, е уапсен поради сомнежи за корупција, објавија полските медиуми повикувајќи се на извори од тамошното правосудство.
Пјесиевич е осомничен за примање мито при склучување спонзорски договори, а истрагата ја води Шлескиот оддел за борба против организиран криминал и корупција. Според досегашните информации, спорните плаќања биле реализирани преку платформата за дигитални валути ZondaCrypto.
Случајот дополнително ја разгоре кризата околу раководството на Полскиот олимписки комитет. Пјесиевич веќе подолг период е под притисок да поднесе оставка, а во мај годинава 82 од вкупно 106 членови на организацијата побараа одржување вонредно собрание на кое би се разгледувало неговото разрешување.
На веста за апсењето реагираше и полскиот министер за спорт и туризам Јакуб Рутницки, кој порача дека човекот кој ја води олимписката организација не смее да биде оптоварен со вакви сомнежи и го обвини Пјесиевич дека го нарушил угледот на полскиот олимписки спорт.
Пјесиевич е на чело на Полскиот олимписки комитет од 2023 година, кога беше избран за негов 13-ти претседател.
Инаку, околу неговото раководење веќе подолг период има контроверзии. Комитетот се соочи со проблеми и околу спонзорските договори, вклучително и со крипто-компанијата ZondaCrypto, а дел од полските спортски федерации претходно побараа негово заминување.