Португалскиот стратег ја заврши авантурата во Лион и се враќа во татковината, каде што ќе седне на клупата на Спортинг од Лисабон.
Пауло Фонсека и официјално ја заврши својата епизода во Олимпик Лион и ќе ја продолжи тренерската кариера во Спортинг Лисабон. Португалскиот стратег ќе го наследи Руи Боржеш, а францускиот клуб ќе добие финансиска компензација за предвременото раскинување на договорот.
Според информациите од Португалија, Спортинг ќе му исплати пет милиони евра на Лион за да го ослободи Фонсека од договорот кој важеше до јуни 2027 година. Новиот договор на 53-годишниот тренер со португалскиот клуб ќе биде со важност до 2030 година.
Фонсека веќе пристигна во Лисабон, каде што треба да ги заврши формалностите и да биде официјално претставен како нов тренер на „зелено-белите“.
Неговата плата во Спортинг ќе изнесува околу три милиони евра годишно нето, додека вкупниот трошок за клубот, со вклучени даноци, ќе достигне приближно шест милиони евра на годишно ниво.
Интересно е што заминувањето на Фонсека претставува и значително финансиско олеснување за Лион. Португалецот имаше месечна бруто-плата од околу 400.000 евра, па францускиот клуб ќе заштеди и на неговите примања до истекот на договорот.
Фонсека пристигна во Лион во јануари 2025 година, а во меѓувреме успеа двапати да обезбеди пласман во Лигата на Европа. Неговото заминување доаѓа во момент кога екипата се наоѓа во добра позиција во француското првенство.
Во следниот период Лион ќе мора да пронајде нов тренер, а како еден од главните кандидати се споменува Шпанецот Карлос Висенс, поранешниот асистент на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити и неодамнешен тренер на Брага.