Фудбал

Трамп: СП ѝ донесе над 18 милијарди долари на економијата на САД

Трамп: СП ѝ донесе над 18 милијарди долари на економијата на САД

Американскиот претседател тврди дека Мундијалот отворил повеќе од 160.000 работни места.

Светското првенство во фудбал, кое летово се одржа во САД, Канада и Мексико, ѝ донело на американската економија повеќе од 18 милијарди долари, тврди претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

Трамп ова го објави преку својата социјална мрежа „Truth Social“, посочувајќи дека големиот спортски настан имал значително влијание врз американската економија и пазарот на трудот.

„Само Светското првенство на ФИФА ѝ донесе на нашата економија повеќе од 18 милијарди долари и обезбеди работа за повеќе од 160.000 луѓе“, напиша Трамп.

Американскиот претседател во својата објава го поврза успехот на Мундијалот и со зголемениот број патувања и туристички активности во земјата. Според него, патувањата и туризмот носат нови работни места, инвестиции и значителни приходи за американските компании и локалните заедници.

Мундијалот 2026 се играше од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико. За првпат во историјата на Светските првенства настапија 48 репрезентации, додека натпреварите во САД се одржаа во 11 градови.