Фудбал

Тотален егзодус кај „кариоките“: По дебаклот од Норвешка, само еден фудбалер се вратил со чартерот во Бразил!

Тотален егзодус кај „кариоките“: По дебаклот од Норвешка, само еден фудбалер се вратил со чартерот во Бразил!

Шокантниот мундијалски крах и елиминацијата од Норвешка (1-2) во осминафиналната рунда донесе незапаметени сцени во таборот на петкратниот светски првак – во официјалниот авион кој полета назад за Рио де Жанеиро се најде буквално само еден фудбалер од националниот тим.

Како што пренесува шпанскиот весник „Ас“, единствениот репрезентативец кој се качил во чартерот со остатокот од бразилската делегација бил искусниот бек на Фламенго, Данило.

Причината за ова е едноставна: сите интернационалци кои настапуваат во Европа веднаш се упатиле на луксузни дестинации за заслужен одмор, додека играчите од домашното првенство добиле само седум дена пауза пред рестартот на клупските обврски во Бразил.

Така, во авионот покрај осамениот Данило, се нашле само членовите на стручниот штаб, медицинскиот и логистичкиот персонал, како и младиот чувар на мрежата Лео Нанети, кој воопшто не беше на официјалниот список од 26 играчи, туку помагаше како трет голман на тренинзите.

Зад 34-годишниот Данило, кој во кариерата ги носеше дресовите на гиганти како Порто, Реал Мадрид, Манчестер Сити и Јувентус, остануваат четири комплетни натпревари на овој Мундијал, откако на отворањето влезе во игра на полувремето.

Дека во таборот на Бразил владее комплетно релаксирана атмосфера и покрај раната елиминација покажува и потегот на селекторот Карло Анчелоти. Италијанскиот стратег исто така не се врати во Јужна Америка, туку веднаш замина за Ванкувер, каде ќе ги полни батериите пред септемвриските предизвици, за кога веќе се најавува сериозна чистка и подмладување на селекцијата.