Фудбал

Тилеманс во одбрана на Карик: Поради него дојдов во Манчестер Јунајтед

Тилеманс во одбрана на Карик: Поради него дојдов во Манчестер Јунајтед

Белгискиот репрезентативец смета дека Манчестер Јунајтед мора да му даде време на менаџерот и да ја врати стабилноста, предупредувајќи дека нова тренерска смена може дополнително да ја влоши ситуацијата.

Јури Тилеманс отворено застана во одбрана на Мајкл Карик, во период кога сè погласни се шпекулациите за иднината на менаџерот на Манчестер Јунајтед по серијата разочарувачки резултати. Белгискиот репрезентативец порача дека на „Олд Трафорд“ во моментов најмалку им е потребна нова тренерска смена и дека тимот мора да покаже единство.

„Дојдов тука делумно и поради него, бидејќи тој ме сакаше во тимот. Сакаше да му помогнам на тимот. Затоа многу ми е драго што тој останува, а и целата група не сака ненадејна промена. Не сакаме голема промена која би довела до уште поголемо нарушување на ситуацијата. Ни треба стабилност, мора да продолжиме да работиме напорно и во еден момент работите ќе се променат“, изјави Тилеманс.

Белгиецот пристигна на „Олд Трафорд“ од Астон Вила во летниот преоден рок, по разговорите со Карик, а сега јасно стави до знаење дека менаџерот ја има поддршката во соблекувалната.

„Откако сум тука, тој секогаш си ја врши работата. Се обиде да наметне систем во кој сите ќе се чувствуваме удобно. Можам да зборувам само позитивно за него и сигурен сум дека секој во соблекувалната би го кажал истото. Мора да останеме заедно и да ја промениме ситуацијата“, додаде играчот од средниот ред.

Тилеманс се осврна и на јавните критики од Бруно Фернандез и Лисандро Мартинез упатени кон раководството и стручниот штаб. Според него, ваквите несогласувања е подобро да се решаваат внатре во клубот, но нагласи дека различните реакции се нормални кога резултатите не се добри.