Фудбал

Тевез: Алекс Фергусон ме излажа, за да се одмаздам заминав во Манчестер Сити

Тевез: Алекс Фергусон ме излажа, за да се одмаздам заминав во Манчестер Сити

Аргентинецот откри дека легендарниот менаџер му ветил постојан договор во Манчестер Јунајтед, но ситуацијата се променила по пристигнувањето на Димитар Бербатов.

Карлос Тевез откри зошто во 2009 година решил да го напушти Манчестер Јунајтед и да премине во градскиот ривал Манчестер Сити. Аргентинскиот напаѓач тврди дека се почувствувал предаден од Сер Алекс Фергусон, кој претходно му ветил дека ќе потпише постојан договор со „црвените ѓаволи“.

Во разговор со поранешниот соиграч Рио Фердинанд, Тевез се потсети на периодот кога настапуваше на двегодишна позајмица во Јунајтед. Според неговите зборови, Фергусон лично му ветил дека клубот ќе го откупи неговиот договор, дури и по најавеното пристигнување на Димитар Бербатов од Тотенхем.

„Ферги лично ми рече: ‘Карлос, ќе останеш во Манчестер’. Се сеќавам многу добро на тој разговор пред почетокот на подготовките. Ми рече: ‘Ќе го купам Бербатов, но не грижи се – ќе те земам и тебе и ќе ти подготвиме нов постојан договор’“, раскажа Тевез.

Сепак, според Аргентинецот, ветувањето не било исполнето, а неговата улога во тимот постепено се намалувала. Тевез смета дека Фергусон имал доволно време да го реши прашањето за неговиот договор, но наместо тоа почнал сè почесто да го остава на клупата.

„Луѓето не разбираат што се случуваше зад сцената и што си кажавме со Ферги. Имаше околу шест месеци да го исполни ветувањето, но тоа не го направи. Напротив, почна да ме остава на клупата. Почнав да мислам дека намерно ме изолира за да ја намали мојата цена. Тоа најмногу ме повреди“, откри аргентинскиот напаѓач.

Тевез призна дека тешко го прифатил таквиот однос, особено по успесите што ги оствари со Манчестер Јунајтед. Во дресот на англискиот гигант ја освои Премиер-лигата и Лигата на шампионите, но на крајот почувствувал дека клубот не му возвратил на вложениот труд.

„Беше исклучително тешко за мене Рио, бидејќи го дадов целото свое срце за Јунајтед, а не го добив истиот однос за возврат. Ја освоивме Лигата на шампионите и титулата. Потоа доведоа друг фудбалер, а јас се чувствував како да сакаат да ја намалат мојата вредност“, објасни Тевез.

Аргентинецот во 2009 година реши да ја продолжи кариерата во Манчестер Сити, потег што предизвика огромно внимание поради големото ривалство меѓу двата клуба.

Тевез не крие дека одлуката била мотивирана и од желбата да му возврати на поранешниот клуб за начинот на кој се чувствувал третиран.

„Првите месеци продолжив да се давам целосно, но потоа веќе не сакав да знам ништо. Имав прекрасен период во Јунајтед, но трансферот во Сити беше одмазда. Не го добив назад она што му го дадов на клубот“, порача Тевез.