Фудбал

Тебас го спореди Реал Мадрид со германските нацисти, „кралевите“ експресно побараа да замине

Тебас го спореди Реал Мадрид со германските нацисти, „кралевите“ експресно побараа да замине

Раководството на Реал Мадрид побара оставка од претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, откако тој ја спореди реториката на клупското раководство со пропагандните методи што ги користела нацистичката партија во Германија.

Тебас претходно денеска на социјалните мрежи напиша дека раководството на Реал Мадрид диригира со оркестар од портпароли, при што телевизијата на клубот ја има главната улога.

Претседателот на Ла Лига реагираше на текстови од двајца новинари, во кои се наведува дека тој и Ла Лига работат против интересите на Реал Мадрид. Тебас додаде дека авторите на весникот „Ел Дебате“ шират таков наратив во име на раководството на мадридскиот клуб.

Нешто подоцна Реал Мадрид објави соопштение во кое бара 64-годишниот Тебас да се повлече од функцијата претседател на Ла Лига, како и од позицијата потпретседател на Кралската шпанска фудбалска федерација.

Од клубот оценуваат дека е неприфатливо и исклучително сериозно тоа што Тебас употребил споредба со пропагандните методи на нацистичкиот режим за да ги дискредитира нашиот клуб, неговото раководство и неговата телевизија.

„Повторливото однесување на Тебас покажува недостиг од неутралност, почит и непристрасност, што е неспојливо со неговите институционални должности. Неприфатливо е тој дури да користи прашања, информации или мислења на новинари кои немаат никаква врска со клубот, за да ги насочи обвинувањата кон нас, припишувајќи ни постапки на трети лица за кои не сносиме никаква одговорност“, порачаа од Реал Мадрид.

Тебас е на чело на Ла Лига од 2013 година, а пред четири години повторно беше избран на функцијата, со мандат до 2027 година.