Атлетика

Тажна вест: Почина атлетичарка која пред две години во Рим освои европско злато

Тажна вест: Почина атлетичарка која пред две години во Рим освои европско злато

Поранешната европска шампионка во атлетика и двократна учесничка на Олимписките игри, Кира Меџијан, почина на 34-годишна возраст по тешка битка со ракот на дебелото црево.

На атлетичарката, која е родена во Портафери, Северна Ирска, во мај 2025 година ѝ беше дијагностициран рак на дебелото црево во четврти стадиум. И покрај тешката дијагноза, веста за нејзината смрт претставува голем удар за атлетскиот свет.

Меџијан ја претставуваше Ирска на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година и во Токио во 2021 година. Имаше можност да настапи и на Олимпијадата во Париз во 2024 година, но поради повреда на Ахиловата тетива мораше да се откаже од учеството.

Токму 2024 година беше најуспешната во нејзината кариера, откако на Европското првенство во Рим го освои златниот медал во трката на 1.500 метри. Претходно, таа настапуваше и за Северна Ирска на Игрите на Комонвелтот, каде што во 2022 година во Бирмингем стигна до сребрениот медал во истата дисциплина.

Веста за нејзината смрт беше објавена преку нејзините профили на социјалните мрежи.

„Кира утрово во 6:30 часот ја загуби битката со ракот, опкружена со своите најблиски. Беше сакана ќерка, сестра, сопруга, пријателка и пример за многумина. Многу ќе ни недостига“, се наведува во објавата.