Фудбал

Судијата Илиоски му се јавил на капитенот на Шкендија Арачиново и му се извинил

Судијата Илиоски му се јавил на капитенот на Шкендија Арачиново и му се извинил

Главна тема во македонската фудбалска јавност денеска е дуелот помеѓу Шкендија Арачиново и Струга Трим Лум кој заврши со победа на гостите од 2-0.

По натпреварот Шкендија Арачиново објави соопштение во кое го обвини главниот судија Влатко Илиоски дека недолично се однесувал кон капитенот на тимот Бесир Дмири. Според нив тој го нарекол Демири „мајмун неписмен“.

Набрзо по првото соопштение тимот од Арачиново објави и второ во кое информира дека Илиоски му се јавил на Демири и лично му се извинил.

„Нашиот клуб ја информира јавноста дека судијата Илиоски лично го контактирал нашиот капитен Бесир Демири и му се извинил за инцидентот што се случи. Го цениме овој гест и подготвеноста на судијата да ја признае грешката и да се извини. Веруваме дека признавањето на грешката е важен чекор кон преиспитување на сопствените постапки и преземање лична одговорност.

Сепак, извинувањето не може и не смее да ја замени одговорноста за навредите од расистички карактер. Расизмот и дискриминацијата немаат место во фудбалот, особено кога доаѓаат од лица чија должност е да гарантираат правичност, непристрасност и почитување на правилата на теренот.

Затоа, и покрај извинувањето, остануваме на нашиот став дека надлежните фудбалски органи треба да го разгледаат случајот и да преземат соодветни дисциплински мерки. Не бараме одмазда, туку одговорност. Не бараме привилегии, туку почит и еднаков третман за секој фудбалер. За нас, ова не е само инцидент насочен кон нашиот капитен, туку принципиелно прашање што го засега достоинството на секој спортист“, информираше Шкендија.

За овој натпревар денеска се огласија и од ФФМ, но овој инцидент не беше споменат во тоа соопштение. ФФМ најави дека ќе биде отворена дисциплинска постапка против Шкендија Арачиново поради влегување на претставници на клубот во соблекувалната на судиите.