Кошарка

Струмица го шокираше МЗТ и му го нанесе првиот пораз во Суперлигата

Струмица го шокираше МЗТ и му го нанесе првиот пораз во Суперлигата

Домаќините славеа со 87-79, а клучна беше серијата од 13-0 во завршницата. Џејкобс со 29 поени беше најзаслужен за големиот триумф.

Кошаркарите на Струмица приредија големо изненадување во македонската Суперлига, откако на домашен терен го совладаа актуелниот шампион МЗТ Скопје со 87-79 и му го го нанесоа првиот пораз во првенството.

Иако „металците“ подобро го отворија натпреварот и во петтата минута имаа предност од осум поени (17-9), домаќините брзо се вратија во игра. По првата четвртина резултатот беше израмнет (26-26), а Струмица продолжи да му парира на фаворитот и на полувремето замина со предност од 47-44.

Во продолжението се водеше неизвесна битка, со чести промени на водството. МЗТ Скопје во завршната четвртина поведе со 70-67, но потоа следуваше решавачкиот момент на натпреварот. Струмичани направија серија од 13-0, со која го презедоа целосниот контрол врз играта и стигнаа до убедлива предност од 87-75 на стотина секунди до крајот.

Гостите не успеаја да се вратат во натпреварот, па Струмица заслужено се радуваше на големиот триумф, кој сигурно ќе биде дополнителен мотив за новиот член на елитата во продолжението од сезоната.

Најзаслужни за победата беа американските кошаркари. Џејкобс беше прв стрелец со 29 поени, Крафорд постигна 21, а Херис додаде 16. Во редовите на МЗТ Скопје, Војдан Стојановски го заврши натпреварот со 17 поени.

Шампионот настапи без капитенот Дамјан Стојановски, кој поради скршено ребро ги пропушти и претходните три натпревари.