Фудбал

Струга ТЛ не виде мака за убедлив триумф против „фенерџијата“ Скопје

Струга ТЛ не виде мака за убедлив триумф против „фенерџијата“ Скопје

Стружани славеа со 4-0 во првиот дуел од 11. коло и бодовно се израмнија со Шкендија, додека Скопје и натаму е заковано на дното на табелата.

Струга Трим Лум ја оправда фаворитската улога и со убедливи 4-0 го совлада Скопје во првиот натпревар од 11. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Со освоените три бода, стружани се израмнија со Шкендија на бодовното салдо и продолжуваат да се борат за највисоките позиции на табелата. Од друга страна, Скопје останува без победа сезонава, со само три бода и на последното место.

Домашниот тим уште од почетокот наметна офанзивно темпо, а добрата игра брзо ја претвори во убедлива предност. Бесмир Бојку во 11. минута со одличен удар од далечина го постигна првиот гол, додека само шест минути подоцна Христијан Малески ја затресе мрежата за водство од 2-0.

Струга продолжи со притисокот, па во 30. минута Агамах со удар со глава зголеми на 3-0 и практично го реши прашањето околу победникот уште во првото полувреме.

Конечните 4-0 ги постави Арби Воша во 59. минута, со што го потврди убедливиот триумф на стружани.

Триумфот на стружани можеше да биде и поубедлив ако Скопје на голот го немаше Кристијан Наумовски кој одбрани неколку тешки удари.