Меѓународната агенција за интегритет во тенисот ИТИА го суспендираше српскиот тенисер Стефан Милиќевиќ на 24 години и му изрече парична казна од 70.000 долари поради сериозно прекршување на антикорупциските правила во тенисот, објави оваа агенција.
Милиќевиќ кој има 29 години најдобриот пласман на светската ранг-листа во сингл го оствари во август 2014 година, кога се наоѓаше на 1.338. место. Тој беше обвинет за местење шест натпревари и обид за местење уште шест во периодот од 2022 до 2024 година. На пет од наместените натпревари настапил и самиот.
Исто така бил обвинет и за регрутирање или обид за регрутирање на повеќе професионални тенисери во корупциска мрежа во истиот период. Според ИТИА поради тоа и неколку други тенисери местеле натпревари.
Истрагата беше спроведена оваа година, но Милиќевиќ не соработувал со истражителите, иако ИТИА седум пати се обидела да стапи во контакт со него преку различни канали. По завршувањето на истрагата, на 24 септември му било доставено известување за сериозно прекршување на правилата. Бидејќи не одговорил, во согласност со правилата и насоките на ИТИА за изрекување санкции, казната од 24 години суспензија и 70.000 долари стапила во сила на 9 октомври. Суспензијата му истекува на 8 октомври 2050 година.
Додека трае суспензијата, Милиќевиќ нема право да игра, да работи како тренер или да присуствува на натпреварувања организирани или одобрени од сите тениски организации.