Фудбал

Спречен голем криминален план: Уапсени лица кои планирале да го киднапираат Килијан Мбапе

Спречен голем криминален план: Уапсени лица кои планирале да го киднапираат Килијан Мбапе

Полицијата уапсила 18-годишник, како и уште еден маж, наводно негов соучесник, кои планирале киднапирање на неколку познати личности, меѓу кои бил и француската фудбалска ѕвезда.

Киднапирање на Килијан Мбапе планирале група на криминалци, објави „Марка“. Планот бил спречен откако француската полиција уапсила 18-годишник, како и уште еден маж за кој се сомнева дека бил негов соучесник.

Покрај капитенот на француската репрезентација и напаѓачот на Реал Мадрид, криминалната група наводно имала намера да киднапира и неколку бизнисмени, како и познат француски рапер.

Главноосомничениот, 18-годишниот Клеман Л., бил уапсен на 21 август во Нантер, во департманот От-де-Сен. Тој моментално се наоѓа во притвор, додека неговиот наводен соучесник бил ослободен, но под судски надзор.

Според информациите, Клеман Л. е осомничен дека бил организатор на серија напади врз домовите на потенцијалните жртви, како и на неколку киднапирања кои биле планирани или подготвувани.

Случаите се поврзуваат со периодот од 11 април до 19 август, а истрагата опфаќа повеќе локации во Франција, меѓу кои Нантер, Ној-сир-Сен, Сен-Брис-су-Форе и Сантене.

Засега нема информации дека ѕвездата на Реал Мадрид била директно контактирана или дека бил преземен конкретен чекор кон реализација на планот за негово киднапирање. Сепак, фактот што фудбалерот бил идентификуван како потенцијална жртва предизвика големо внимание во француската јавност.

Истрагата продолжува, а француските власти се обидуваат да утврдат колкав бил обемот на криминалната мрежа и дали во планираните киднапирања биле вклучени и други лица.