Клубот од Торино не е задоволен од сегашниот тренер, па бара решение, а еден од нив е човекот кој освои шест трофеи со Интер.
Симоне Инзаги би можел да се најде на клупата на Јувентус, клуб кој во изминатиот период се соочува со резултатски проблеми и бара начин повторно да се врати во борбата за највисоките позиции во италијанскиот фудбал.
Италијанскиот стратег остави длабока трага во Серија А, особено со работата во Интер, каде што за четири сезони освои шест трофеи. Под негово водство, „нероаѕурите“ ја освоија титулата во италијанското првенство во сезоната 2023/24, двапати триумфираа во Купот на Италија и трипати во италијанскиот Суперкуп.
Инзаги го напушти Интер во јуни 2025 година, по поразот од Пари Сен Жермен во финалето на Лигата на шампионите, а потоа ја продолжи кариерата во саудискиот Ал Хилал.
Неговото име сега се споменува во контекст на Јувентус, клуб кој во изминатите години не успева да ја врати доминацијата во италијанскиот фудбал. Инзаги има големо искуство во Серија А, добро го познава тамошниот фудбал и веќе докажа дека може да создаде тим способен да се бори за домашни трофеи и за највисок пласман во Европа.
Сепак, засега нема официјална потврда дека Јувентус започнал конкретни преговори со Инзаги. Неговото евентуално доаѓање во Торино би претставувало голем тренерски потег, но останува да се види дали интересот ќе се претвори во реална можност.
За можното заминување на Спалети веќе се зборува одамна, а се „разгоре“ оваа тема по поразот на „Старата дама“ на домашен терен од Лацио со убедливи 0:3.