Арсими и Тиквеш одиграа нерешено 1-1 во последниот натпревар од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига, кој се одигра во Гостивар. Двата гола паднаа во финишот на првото полувреме, а со погодокот за кавадарчани, Сила се искачи на првото место на листата на најдобрите стрелци во лигата.
Домашниот состав прв се израдува на погодок во 24. минута, но радоста беше краткотрајна, бидејќи по интервенција на ВАР голот беше поништен. Сепак, Арсими дојде до водство во 38. минута, кога Лорик Каба ја затресе мрежата на гостите за 1-0.
Тиквеш не се предаде, па во судиското продолжение од првото полувреме успеа да го израмни резултатот. Во третата минута од продолжението, Сила испрати одличен удар од далечина, го совлада голманот Силјановски и донесе 1-1 за тимот од Кавадарци.
Со овој погодок Сила стигна до осум гола во тековната сезона и сега самостојно го предводи стрелечкиот поредок во Првата македонска фудбалска лига. Зад него остана Закариќ со седум.
Во второто полувреме немаше многу возбудувања. Двата тима играа повнимателно и посветија поголемо внимание на дефанзивата, па мрежите мируваа до последниот судиски свиреж за конечни 1-1.
По ова реми, Тиквеш има 17 бода и се наоѓа на третото место, зад Вардар и Струга, кои имаат по 20 бода. На врвот на табелата е Шкендија со 23 бода. Арсими, пак, останува на осмата позиција со 10 бода, исто колку што има и Брегалница.