Поранешниот напаѓач на Порто и Атлетико Мадрид повторно се запиша меѓу стрелците во професионалниот фудбал, и тоа на 40-годишна возраст, во дресот на Индепендиенте Меделин.
Џексон Мартинез повторно постигна гол во професионалниот фудбал, прекинувајќи неверојатна голгетерска пауза од шест години, осум месеци и 23 дена.
Колумбискиот напаѓач ја затресе мрежата во дресот на Индепендиенте Меделин, клубот во кој ја започна својата професионална кариера.
Зад неговото враќање на фудбалските терени се крие тешка приказна. Последниот професионален натпревар пред долгата пауза го одигра во јули 2020 година, а во декември истата година објави дека ја завршува кариерата.
Главната причина беа сериозните проблеми со десниот скочен зглоб, кои го мачеа со години. Повредата првпат се појави во 2015 година, додека го носеше дресот на Атлетико Мадрид. Следуваа операции, долг период на рехабилитација и постојани болки кои не му дозволуваа да се врати на посакуваното ниво.
Мартинез во кариерата настапуваше за неколку познати клубови, меѓу кои Порто, Атлетико Мадрид, кинески Гуангжу Евергранде и португалски Портимоненсе. Најголем впечаток остави во Порто, каде што беше еден од најопасните напаѓачи во европскиот фудбал.



