Поранешниот албански репрезентативец и поранешен спортски директор на Лацио и Милан, Игли Таре, се најде во центарот на голем скандал во Албанија.
Таре официјално е осомничен за перење пари, откако Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал во Албанија (SPAK) ја прошири истрагата во голем случај поврзан со корупција на високи државни функционери.
Истрагата е поврзана со поранешната заменик-премиерка на Албанија, Белинда Балук, која е обвинета дека фаворизирала и местела јавни набавки поврзани со два големи инфраструктурни проекти вредни неколку стотици милиони евра.
Според наводите на обвинителството, Таре бил искористен за прикривање на имот стекнат преку незаконски активности. На негово име биле фиктивно регистрирани две луксузни вили на јонскиот брег, во познатите туристички места Дерми и Паласа. Имотите во меѓувреме се запленети од државата.
Таре веќе бил повикан на повеќечасовен распит од специјалните истражители, како дел од пошироката акција на албанските власти против корупцијата и организираниот криминал.
Поранешниот фудбалер има 67 настапи за репрезентацијата на Албанија, а во клупската кариера во Италија настапуваше за Бреша, Болоња и Лацио.
По завршувањето на играчката кариера, Таре продолжи како спортски директор. Најголем дел од времето го помина во Лацио, а потоа беше спортски директор и на Милан, каде функцијата ја извршуваше од 2024 година до мај 2026 година.
Особено беше познат по соработката со српски фудбалери во Лацио, меѓу кои и Сергеј Милинковиќ-Савиќ и Страхиња Павловиќ.
Случајот предизвика големо внимание во албанската јавност, а истрагата продолжува.