Фудбал

Скопје по првата победа сезонава, Башкими е ривал по мерка за „пиратите“

Скопје по првата победа сезонава, Башкими е ривал по мерка за „пиратите“

На теренот на ФФМ, Скопје го очекува првиот триумф сезонава, после трите ремија и двата порази, додека Башкими е „закован“ на дното со само ден постигнат гол и без бодови.

Дерби на дното денеска во Првата македонска фудбалска лига. На теренот на ФФМ во 16:30 часот, Скопје го пречекува составот на Башкими. Три бода има тимот на „пиратите“, додека кумановскиот тим и натаму е последен без ниту еден освоен бод, и со гол разлика минус 16.

„Фокусот е максимален, сите размислуваме за победа“, порачуваат од тимот од Автокоманда.

Од друга страна, пак, Башкими се надева дека, конечно, ќе успее да дојде до бод(ови). ПРед неколку дена беа претставени и последните засилувања во летниот преоден рок, Антонио Да Силва Санка Рашид, кој покрива позиции како крилен и централен напаѓач, како и Елиас Ганим, кој игра како класично крило.

„Натпреварите против Скопје на гостински терен секогаш се многу тешки. Скопје се враќа на својот стадион и нè очекува исклучително физички дуел. Сепак, ние ќе се бориме за секоја топка и се надеваме дека ќе се вратиме дома со бодови“, изјави централниот дефанзивец на Башкими, Фати Исмаили.

Двете екипи досега се имаат сретнато вкупно 6 пати – четири пати во Втората лига, еднаш во Купот на Македонија и на еден контролен  натпревар. Поуспешен во овие дуели е ФК Скопје со 3 победи, додека ФК Башкими сè уште ја чека својата прва победа. Три меча завршиле без победник.

Дуелот помеѓу Скопје и Башкими се игра денеска во 16:30 часот на теренот на ФФМ, а директен пренос гледајте на Арена Спорт Македонија.