Полицијата утрово уапси 58-годишен маж од Карловац под сомнение дека злоставувал 15-годишно дете.
Познат и долгогодишен спортски тренер од Карловачката жупанија во Хрватска е уапсен под сериозно сомнение за сексуално искористување на дете помладо од 15 години, пренесуваат регионалните медиуми.
Од хрватската полиција потврдија дека службениците од Полициската управа Карловац спровеле опсежна кривична истрага над 58-годишен маж. По завршувањето на истрагата, осомничениот со кривична пријава е предаден на притворски надзорник, по што е спроведен во Општинското државно правобранителство во Карловац на понатамошно испитување.
Според неофицијалните информации кои ги пренесуваат хрватските медиуми, станува збор за угледен и долгогодишен тренер по боречки спортови кој во текот на својата кариера освоил бројни признанија за својата работа, вклучувајќи награди за промоција на спортот, како и за развојот на градот и регионот во кој дејствувал.
Истрагата била отворена откако загрижени родители на децата кои тренирале кај него поднеле пријави, наведувајќи дека тренерот имал несоодветно и непримерено однесување кон нив. Засега деталите за самите настани не се целосно јасни, а сите околности се очекува да бидат целосно утврдени во текот на судско-обвинителската постапка.
По сослушувањето на осомничениот, Општинското државно обвинителство во Карловац треба да донесе одлука за понатамошните чекори, вклучително и можноста за барање притвор, како и мерки на претпазливост како што се забрана за приближување и контакт со жртвите и сведоците.