Фудбал

Синот на Роналдо за првпат повикан во репрезентацијата на Португалија

Синот на Роналдо за првпат повикан во репрезентацијата на Португалија

Шеснаесетгодишниот Кристијано Роналдо Јуниор се најде на списокот од 23 фудбалери за квалификациските натпревари за Европското првенство.

Кристијано Роналдо Јуниор продолжува да чекори по стапките на својот славен татко. Синот на капитенот на португалската репрезентација за првпат доби повик во националниот тим до 17 години, откако селекторот Филипе Рамос го вклучи на списокот од 23 фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за Европското првенство.

Шеснаесетгодишниот напаѓач, познат и под прекарот Кристијанињо, досега настапуваше за селекциите на Португалија до 15 и до 16 години, а сега ќе има можност да дебитира и во повисоката возрасна категорија.

Роналдо Јуниор досега има 13 настапи за младинските репрезентации на Португалија, на кои постигна пет гола. За селекцијата до 15 години одигра четири натпревари и постигна два гола, додека за тимот до 16 години запиша девет настапи и три погодоци.

Младиот фудбалер настапува во младинската академија на Ал Наср од Саудиска Арабија, каде што игра и неговиот татко. Според португалските медиуми, оваа сезона има три гола на седум натпревари за младинскиот тим на клубот.

Португалија квалификацискиот циклус ќе го започне на 11 ноември против Андора, а потоа ќе се соочи со Бугарија на 14 ноември и со Србија на 17 ноември. Сите три натпревари ќе се играат во тренинг-центарот на Португалската фудбалска федерација во Оеираш.