По шест натпревари без триумф, тимот на Александар Васоски конечно се врати на победничките патеки, славејќи убедливо со 0:3 на гостувањето кај Башкими.
Силекс стави крај на црната серија во Првата македонска фудбалска лига, откако во рамките на 10. коло со убедливи 0:3 го совлада Башкими во Куманово.
Кратовчани на овој начин ја прекинаа низата од шест натпревари без победа, во која забележаа три порази и три ремија, па тренерот Александар Васоски конечно имаше причина за задоволство.
Гостите ја најавија победата уште во 13. минута. Донов одлично продре по левата страна, а потоа го проигра Шеро, кој од непосредна близина ја испрати топката во мрежата на Алиу за водство од 0:1.
Силекс беше подобриот противник во првото полувреме и можеше да замине на пауза со уште поголема предност. Манојлов се најде во добра позиција, но неговиот удар заврши над голот.
На почетокот на вториот дел следуваше вистинска мајсторија. Во 48. минута Ефтимов доби топка на левата страна, се реши за удар од далечина и со прекрасен погодок ја зголеми предноста на кратовчани на 0:2.
Башкими се обиде да се врати во натпреварот, а во 77. минута успеа да ја затресе мрежата преку Рибеиро. Сепак, радоста на домашните беше краткотрајна, бидејќи погодокот беше поништен поради офсајд во почетната фаза од акцијата.
Сите дилеми околу победникот ги разреши Александар Мишов. По акција од десната страна, напаѓачот сам си создаде простор за удар и со левата нога го совлада Алиу, поставувајќи ги конечните 0:3.
Со убедливото издание во Куманово, Силекс конечно го прекина резултатскиот пост и освои важни три бода во обидот да се врати во посакуваниот ритам во домашното првенство.