Фудбал

Силекс во обид да ја прекине црната низа во Куманово, тетовска Шкендија на тешко гостување во Автокоманда

Силекс во обид да ја прекине црната низа во Куманово, тетовска Шкендија на тешко гостување во Автокоманда

Силекс шест меча не знае за победа во ПМФЛ, а Башкими по триумфот над Струга, сака да продолжи со триумфите. Тетовска Шкендија ќе се обиде да го задржи првото место на Автокомнанда.

Во серија од шест кола без победа е тимот на Силекс. Кратовската екипа влезе во мини криза,  и по трите порази сега трипати одигра нерешено со Брегалница, Тиквеш и Арсими.

Победа ќе бара денеска напладне во мечот против Башкими на гостински терен. Од Силекс го почитуваат противникот, меѓутоа ветуваат максимална и ангажирана игра за да се дојде, конечно, до триумф во Првата македонска лига.

„Играме против незгоден противник на негов терен. Башкими во последно време покажа дека може да се носи со секоја екипа, и одигра нерешено против Вардар, а го совлада тимот на Струга. Меѓутоа верувам во нашите квалитети и дека ќе го дадеме максимумот да ги освоиме трите бода во овој меч. Мораме максимално да ги испочитуваме сите задачи кои ќе ни бидат зададени, да бидеме фокусирани и се надевам дека на крајот ќе стигнеме до победата“, изјави Дарко Анѓелески, капитенот на Силекс.

Кумановци влегуваат во овој дуел со голема мотивација, по значајниот триумф од 2:1 против Струга Трим Лум во претходното коло – меч кој воедно беше и успешна премиера за новиот шеф на стручниот штаб, Муарем Муарем. Сега Башкими е во потрага по втора последователна победа пред својата публика и вкупно трета оваа сезона.

„Ова е исклучително важен натпревар за да ја продолжиме позитивната серија. Силно веруваме во нашиот квалитет и со поддршка од нашата фантастична публика, убеден сум дека ќе успееме и трите бода ќе останат во Куманово“, изјави Бесјан Алиу.

Скопје, пак, како последнопласиран тим го пречекува еден од фаворитите за титула сезонава, екипата на Шкендија.

Фудбалерите на Иван Варадиновски се во непријатна низа, но на последните неколку натпревари прикажаа напредок во играта, а поразите доаѓаа поради индивидуални грешки. Ќе се обидат да ги анулираат токму за денешниот дуел против Шкендија.

Со помош на публиката, фудбалерите на Скопје се надеваат дека можат да ја сопрат Шкендија, иако е јасно дека противникот е фаворит и според квалитетот и според позициите на прволигашката табела.

„Овој тим никогаш не се предава. Продолжуваме со нов предизвик и нова битка за нашите бои. Со срце, борба и поддршка од трибините, заедно со нови успеси“, порачуваат од таборот на Скопје, максимално фокусирани на денешниот предизвик.

Од друга страна тетовска Шкендија посакува три бода по испуштените два бода во минатото коло против Шкендија Арачиново.

„Секако дека мораме да бидеме подлабоко самокритични бидејќи ги разочаравме навивачите против Шкендија од Арачиново. Домаќински кажано, моравме порано да го решиме мечот во наша полза со оглед на доминацијата и шансите што ги создадовме. Сепак, не треба да им се одземе заслугата и на противниците, кои наидоа со одлична игра. Но, ова е долг шампионат – мора да учиме од грешките и верувам дека брзо ќе ја поправиме играта во следните мечеви. Не е важна дали до трите бода ќе стигнеме со убава игра, дали на деобар терен или во кал, само конечниот исход и победата“, изјави Мелиќи.