Фудбал

Сензација на Мундијалот: Парагвај по пенал-драма ја елиминираше големата Германија!

Сензација на Мундијалот: Парагвај по пенал-драма ја елиминираше големата Германија!

Репрезентацијата на Парагвај го приреди првиот вистински шок на Светското првенство, откако по изведувањето на пенали ја елиминираше Германија во натпревар кој по 120 минути игра заврши со нерешени 1-1.

Со ова се случи првата голема сензација во елиминациската рунда на Мундијалот, еден од главните фаворити го завршува својот настап предвреме.

Јужноамериканскиот состав се одлучи за дефанзивна тактика, цврсто се бранеше и својата шанса ја бараше преку брзи контранапади кон противничкиот гол. Германците доминираа во поседот и диктираа темпо, но нивната иницијатива во најголем дел од времето беше јалова.

Мрежите мируваа сѐ до самиот финиш на првиот дел, кога Енцисо погоди со глава и му донесе водство на Парагвај од 1-0.

Германците брзо реагираа и по само девет минути игра во второто полувреме стигнаа до израмнување, откако Каи Хаверц со прецизен удар со глава реализираше по асистенцијата на Вирц.

До крајот на регуларниот тек резултатот остана непроменет, што значеше дека мечот оди во продолженија. И во дополнителните 30 минути мрежите не се тресеа регуларно; Германците во еден момент се израдуваа на погодок на Та, но истиот беше оправдано поништен поради прекршок над парагвајскиот голман.

Патникот во следната фаза се решаваше преку пенал-рулетот, кој понуди вистинска драма. Серијата започна со промашување на Хаверц, откако Хил го одбрани неговиот удар. Парагвајските фудбалери беа непогрешливи во првите три серии, реализирајќи преку Маурисио, Гомез и Галарза.

За „панцерите“ сигурни егзекутори беа Кимих и Мусиала, додека Волтемаде не успеа да погоди. Парагвај имаше дури две меч-топки за победа, но ударите на Санабрија и Фабијан Валбуена беа мајсторски скротени од Нојер. На спротивната страна Амири беше прецизен, па резултатот беше израмнет по пет изведени серии.

Конечната одлука падна во шестата серија кога Та шутираше лошо и ја испрати топката високо над голот, додека Канеле рутински погоди, по што започна големото славје на парагвајските фудбалери.