Зејнеп Местан, која и понатаму е активна како фудбалерка, доби задача да го предводи Тургутлуспор по испаѓањето во шестиот ранг.
Необична и интересна вест доаѓа од турскиот фудбал. Нисколигашот Тургутлуспор ја изненади јавноста со одлуката 22-годишната Зејнеп Местан да ја постави за тренер на првиот тим.
Местан неодамна го прославила својот 22. роденден, а и покрај младата возраст, веќе има долгогодишно искуство во фудбалот. Од 2019 година настапувала за осум различни женски аматерски клубови, а интересно е што сè уште е активна како фудбалерка.
Од Тургутлуспор официјално ја потврдија одлуката и ѝ посакаа успех во новата улога.
„Зејнеп Местан, која ќе ја предводи новата структура и стручната организација на нашиот клуб, ѝ посакуваме многу успех под нашиот црвено-црн грб. Се надеваме дека ова ново поглавје ќе донесе добро за нашата заедница, клубот и сите наши навивачи“, соопштија од турскиот клуб.
Пред младата тренерка сега е сериозен предизвик. Тургутлуспор минатата сезона го освои десеттото место и испадна во Маниса Супер аматерската лига, односно шестиот ранг на турскиот фудбал.
Клубот, сепак, има традиција и во минатото настапувал во вториот ранг на турскиот фудбал, иако никогаш не успеал да стигне до највисоката Суперлига.
Местан покрај тренерската функција продолжува да биде активна и како фудбалерка, а нејзиното назначување предизвика големо внимание во турската спортска јавност.
Останува да се види дали 22-годишната тренерка ќе успее да го врати Тургутлуспор во повисок ранг и да направи успешен почеток во својата тренерска кариера.