Селекторот напомена дека нема да дозволи повеќе играчите да дојдат тука само да се „видат со роднини, да одиграат и да си заминат“.
Македонија го објави списокот од 23 играчи и тројца голмани ќе атакува на успешни настапи и резултати на последните два натпревари во Лигата на Нации.
Деби повик доби Марко Ѓорѓиевски, повратници се Серафимов, Деспотовски, Чурлинов… Селекторот Гоце Седлоски го образложи списокот.
„Списокот е 23 играчи и тројца голмани. Игравме со двете репрезентации, знаеме за какви селекции станува збор. Да ги поправиме оние грешки кои ги имавме тука со Шкотска првиот наптревар. Ние треба да се поправиме во она што јас го барам, да го остават срцето на теренот, да има трка, да има желба и дисциплина во играта. Играме со една силна селекција како што е Шкотска, но овие резултати кои се зад нас да ги заборавиме. Влегуваме во овие два меча да се поправиме. Ова е список на играчи кои имаат минутажа во своите клубови, и затоа се одлучив за овој тим“, рече Седлоски.
Најголемото изненадување е неповикувањето на Бојан Миовски, а селекторот Седлоски објасни дека тоа е поради слабата минутажа.
„Миовски беше долго време нема минутажа во Глазгов Ренџерс, затоа се одлучив за овие четворица напаѓачи. Не е избришан од составот, кога ќе има поголема минутажа и кога ќе настапува, ќе добие повик. Нема тука лутење, и јас кога не сум играл не сум бил повикуван. Така ќе продолжам во овие натпревари. Оние кои не настапуваат во тимовите, нема да бидат повикувани. И малку односот треба да се поправи кога ќе дојде тука. Доста беше доаѓање тука да се прошетаме, да одиграме и да си заминеме. Се знае дресот како треба да се облече и како да се носи“, изјави Седлоски и додава:
„Нема да дозволам играчи од страна да се видат со роднини со пријатели и да одиграат мечеви и да си заминат во своите клубови“, рече Седлоски.
За повикот на Марко Ѓорѓиевски, тој образложи дека сака да го види неговиот капацитет во националниот тим.
„Сакам да го видам Марко Ѓорѓиевски, сум го тренирал порано. Беше повреден и сакам да видам што може да даде за националниот тим“, изјави Седлоски.
За неповикувањето на Несторовски кој игра во добра форма, Седлоски рече:
„Да, Несторовски е во добра форма, но сакам да подмладувам, и да внесам некоја нова енергија во тимот и нема да отстапувам“.