„Волчицата“ посакува да направи респектабилен тим за првенството и за успешен настап во Лигата на шампионите.
Откако се квалификуваше за Лигата на шампионите, Рома беше доста активна овие денови во преодниот рок, а најмногу се зборува за нивната понуда за холандскиот интернационалец Крисенсио Самервил, за кого се подготвени да го срушат клупскиот рекорд кога станува збор за висината на обештетувањето.
Пред неколку дена се споменуваше дека Рома ќе понуди 45 милиони на Вест Хем , денес италијанските медиуми споменуваат уште еден милион и дека понудата од 46 милиони е официјалната што Рома ја испрати до клубот од англискиот премиерлигаш.
Покрај тоа, „Тутомеркато“ пишува дека Самервил дал позитивен одговор до Римјаните и дека му се допаѓа новиот клупски проект, па сега сè што останува е да се почека конечното „ДА“ од челниците на Вест Хем.
Но, Рома нема да застане тука.
Италијанскиот новинар Алфредо Педула објави дека „волчицата“ не се откажала од Алехандро Гарначо од Челзи и ќе направи сè за да го доведе, дури и ако Самервил навистина стане нов член на Рома.
Тој додава дека тренерот Џанпјеро Гасперини сака „барем двајца нови крилни играчи за својот напад“, што значи дека напредокот во преговорите со Самервил не ја затвора вратата за Гарначо, кој наводно е „отворен за разговори“ за трансфер во Рома. Неговата вредност се проценува на 28 милиони евра, а неговиот договор со Челзи важи до јуни 2032 година.