Сукпачан Луантала од репрезентацијата на Лаос е осомничен дека бил посредник меѓу фудбалерите и организаторите на обложувачка шема од Виетнам.
Фудбалскиот репрезентативец на Лаос, Сукпачан Луантала, е уапсен под сомнение дека бил вмешан во организирање и местење натпревари од регионалното првенство на АСЕАН во 2026 година.
Како што пренесува „Гардијан“, случајот бил откриен откако Фудбалската федерација на Лаос пријавила сомнежи за корупција, нелегално обложување и манипулирање на резултати.
Луантала настапува за локалниот клуб Салаван Јунајтед, а бил дел и од репрезентацијата на Лаос на турнирот. Според информациите, тој е осомничен дека соработувал со обложувачки синдикат со седиште во Виетнам и имал улога во организирањето на шемата.
Наводно, фудбалерот бил уапсен по сослушувањето на неколку репрезентативци по нивното враќање од гостувањето кај Мијанмар во почетокот на август. Иако федерацијата и полицијата сè уште немаат официјално соопштение за случајот, „Гардијан“ потврдил дека Луантала се наоѓа во притвор.
Особено сомнителен за истражителите бил натпреварот против Мијанмар, кој Лаос го загубил со убедливи 2:7. Тоа беше четврти последователен тежок пораз на репрезентацијата во групната фаза, по 0:5 од Тајланд, 0:4 од Малезија и 1:4 од Филипини.
Според извор запознаен со истрагата, Луантала наводно им давал инструкции на соиграчите и бил посредник меѓу фудбалерите и луѓето кои стоеле зад обложувачката шема.
Фудбалската федерација на Лаос на 7 август потврди дека спровела интерна истрага, по што собраните информации биле предадени на надлежните органи.