Шкендија Арачиново и Тиквеш ги поделија бодовите во првиот натпревар од денешната програма во Првата македонска фудбалска лига, откако на стадионот на Чаир одиграа нерешени 1-1.
Домашниот состав имаше одличен почеток и успеа да ја затресе противничката мрежа уште во шестата минута. Стрелец на водечкиот погодок беше Марко Симоновски, кој им донесе предност на Арачиновци.
По раното водство, Тиквеш ја презеде иницијативата и започна со офанзивни напади во обид да стигне до израмнување. Сепак, и покрај поголемиот посед на топката и неколкуте обиди, кавадарчани не успеаја да го пронајдат патот до мрежата во првото полувреме.
Притисокот на гостите продолжи и во вториот дел, а упорноста им се исплатеше во завршницата. Бразилецот Лусијанињо, на околу 15 минути пред последниот судиски свиреж, ја искористи својата шанса и ги постави конечните 1-1.
Тиквеш до крајот се обидуваше да направи целосен пресврт, но не успеа да стигне до втор погодок. Од друга страна, Шкендија Арачиново беше ориентирана кон одбраната на освоениот бод, но во 87. минута имаше и одлична можност повторно да поведе, откако по лошата комуникација меѓу голманот Стевковски и неговите дефанзивци се отвори простор за домашниот тим.
За Тиквеш ова беше шесто реми сезонава, со што кавадарчани остануваат екипата со најмногу нерешени натпревари во досегашниот тек од првенството.
На табелата, Тиквеш се наоѓа на третата позиција со 21 бод, колку што има и Вардар. Струга е втора со 23, додека лидер е Шкендија со 24 освоени бодови. Шкендија Арачиново, пак, со денешниот бод стигна до вкупно 15 и се наоѓа на шестото место.