Фудбал

Рекордни бројки по Мундијалот: 267 играчи сменија клубови, потрошени 3,3 милијарди долари

Рекордни бројки по Мундијалот: 267 играчи сменија клубови, потрошени 3,3 милијарди долари

Светското првенство во 2026 година значително влијаеше и врз трансфер пазарот, покажуваат најновите податоци на ФИФА.

Светското првенство во 2026 година не заврши само со освојувањето на титулата, туку остави сериозна трага и на трансферниот пазар. Според податоците објавени од ФИФА, дури 267 фудбалери кои настапија на Мундијалот го сменија клубот во текот на летниот преоден рок, а за нивните трансфери биле потрошени повеќе од 3,3 милијарди американски долари.

Од ФИФА истакнуваат дека Светското првенство, покрај тоа што претставува најголема сцена во светскиот фудбал, се претвора и во важен фактор на глобалниот трансфер-пазар.

„Вкупно 267 играчи, од 47 од 48-те земји учеснички на Светското првенство, кои настапија на Мундијалот, преминаа во друг клуб во текот на летниот преоден рок. Нивните трансфери претставуваат повеќе од 3,3 милијарди американски долари“, соопшти светската фудбалска централа.

Меѓу фудбалерите кои го сменија клубот се наоѓаат голем број веќе афирмирани имиња, но и млади таленти кои токму на Мундијалот успеаја да го привлечат вниманието на најголемите европски клубови.

Сепак, бројките не се однесуваат само на играчите кои настапија на Светското првенство. ФИФА објави дека повеќе од 12.500 фудбалери ширум светот го сменија клубот во текот на летниот преоден рок, при што вкупната вредност на трансферите достигна рекордни 9,89 милијарди долари.

Најголем потрошувач биле клубовите од Англија, кои инвестирале околу 3,02 милијарди долари. Следуваат италијанските клубови со 1,1 милијарда, шпанските со 940 милиони, германските со 904 милиони, а француските клубови потрошиле околу 641 милион долари.