Фудбал

Рекорден број на откази на тренери во Серија „А“ во првите 10 кола

Рекорден број на откази на тренери во Серија „А“ во првите 10 кола

Отказот на Коста Руњаиќ во Удинезе го постави италијанското првенство на неславен рекорд по бројот на сменети тренери на почетокот од сезоната.

Серија А бележи рекорден број тренерски промени по првите десет кола од шампионатот. Последен во низата е Коста Руњаиќ, кој доби отказ од Удинезе по серијата разочарувачки резултати.

Пресуден за германскиот стратег беше убедливиот пораз од Рома со 2:5, кој воедно беше седми за Удинезе во последните осум првенствени натпревари. Тимот од Удине во тој период освои само еден бод, а последната победа ја забележа кон крајот на август, кога ја совлада Монца со 3:2.

Руњаиќ беше најдолго задржаниот тренер меѓу 20-те екипи во Серија А оваа сезона. На клупата на Удинезе пристигна на 1 јули 2024 година и во периодот на соработката го предводеше тимот на 94 натпревари.

Удинезе моментално се наоѓа на претпоследното место на табелата со пет бодови, колку што имаат и Фиорентина и Парма, но со послаба гол-разлика. Раководството веќе го избра неговиот наследник, а тоа ќе биде Паоло Занети, кој девет месеци беше без ангажман по заминувањето од Верона.

Занети во својата тренерска кариера ги предводеше уште Венеција и Емполи, а со доаѓањето во Удине ќе стане петтиот нов тренер во Серија А оваа сезона.

Пред Руњаиќ, откази добија Фабио Гросо, Доменико Тедеско, Карлос Куеста и Џовани Стропа. Нивните места во Фиорентина, Болоња, Парма и Венеција ги презедоа Паоло Ваноли, Рафаеле Паладино, Алберто Џилардино и Давиде Никола.