Фудбал

Револуција на Анчелоти во Бразил: „Избриша“ дури 16 фудбалери од Мундијалот и повика осум дебитанти

Револуција на Анчелоти во Бразил: „Избриша“ дури 16 фудбалери од Мундијалот и повика осум дебитанти

Ги нема Данило, Касемиро, Фабињо, Алисон, Едерсон, Куња, Тијаго, Пакета… а некои нови имиња се најдоа во составот на „кариоките“.

Италијанскиот селектор Карло Анчелоти започна радикална реконструкција на бразилската фудбалска репрезентација. Во новиот список на „Селесао“, искусниот стратег реши да остави дури 16 фудбалери кои настапуваа на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, отворајќи ѝ врата на новата генерација.

На списокот на Анчелоти ги нема искусните ветерани како Данило, Касемиро, Фабињо и Алекс Сандро, но најголемото изненадување е тоа што селекторот ги прецрта и двајцата стандардни голмани – Алисон и Едерсон.

Покрај нив, испаднаа и главните напаѓачи од мундијалскиот состав: Матеус Куња (Манчестер Јунајтед) и Игор Тијаго (Брентфорд), а на списокот го нема ниту Лукас Пакета. Со ова дефинитивно се става крај на репрезентативната ера и за легендарниот Нејмар.

Анчелоти се одлучи за подмладување и повика дури осум дебитанти: Педро Мориско, Отавио, Артур Дијас, Жаир Куња, Матеузињо, Мауро Жуниор, Брено Бидон и Габриел Бонтемпо.

Во тимот се враќаат и младите адути Естевао, Андреј Сантос и Жоао Педро, кои го пропуштија Мундијалот.

Голмани: Хуго Соуза (Коринтијанс), Педро Мориско (Коритиба), Отавио (Крузеиро);

Одбрана: Даглас Сантос (Зенит), Матеузињо (Коринтијанс), Мауро Жуниор (ПСВ), Весли (Рома), Артур Дијас (Атлетико Паранаенсе), Габриел (Арсенал), Жаир Куња (Нотингем Форест), Маркињос (ПСЖ), Витор Реис (Манчестер Сити);

Среден ред: Андреј Сантос (Манчестер Јунајтед), Брено Бидон (Коринтијанс), Бруно Гимараеш (Арсенал), Данило (Ботафого), Габриел Бонтемпо (Сантос);

Напад: Ендрик (Реал Мадрид), Естевао (Челси), Жоао Педро (Челси), Педро (Фламенго), Рафиња (Барселона), Рајан (Борнмут), Саму Лино (Фламенго), Винисиус Жуниор (Реал Мадрид).