Шпанското првенство воведува нов механизам за поголема транспарентност во судењето. Арбитрите ќе одговараат на прашањата на новинарите, а за тоа ќе добиваат и дополнителен финансиски надомест.
Шпанската Ла Лига подготвува значајна промена во начинот на комуникација со јавноста, откако донесе одлука судиите да ги објаснуваат своите одлуки веднаш по завршувањето на натпреварите.
Новината има цел да ја зголеми транспарентноста во судењето и да ги намали контроверзиите кои редовно ја следат шпанската фудбалска елита. Наместо да остануваат без објаснување за спорните ситуации, навивачите и јавноста ќе имаат можност директно да ги слушнат аргументите на арбитрите.
Новото правило ќе се воведува постепено, а пилот-проектот ќе започне оваа недела, за време на баскиското дерби меѓу Атлетик Билбао и Реал Сосиедад.
Според договорот, судиите ќе застануваат пред камерите веднаш по последниот судиски свиреж и ќе одговараат на прашањата на новинарите од телевизиите кои ги поседуваат правата за пренос на натпреварите.
Во почетната фаза ќе бидат опфатени два натпревари од претстојното коло. Телевизиските куќи DAZN и Movistar+ ќе имаат можност да реализираат по едно кратко интервју со судија, во попладневниот или вечерниот термин.
Проектот ќе се следи и оценува, со можност неговата примена да биде проширена на поголем број натпревари во иднина.