„Кралевите“ наводно во јануари ќе го потпишат младинскиот англиски репрезентативец, за кого има интерес и од неколку други клубови меѓу кои и ПСЖ и Барселона.
Екипата на Реал Мадрид, наводно го обезбедила потписот на 16-годишниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Џеј-Џеј Габриел. Станува збор за фудбалер кој минал низ младинските категории на неколку гиганти, меѓу кои и Арсенал и Челси, а бил дел и од Вест Хем.
На 14-годишна возраст, Габриел играл веќе за тимот на Јунајтед до 18 години. Тој е редовно повикуван за младинските селекции на Англија, а во моментов настапува за националниот тим до 17 години.
Оваа сезона Габриел го имаше и дебито во сениорскиот тим, на пријателски меч против Атлетико Мадрид во август. Тој е првиот играч на Манчестер кој играл за првиот тим на 15-годишна возраст. На 10 септември оваа година постигна хет-трик во мечот во младинската Лига на шампиони против Сабах во победата од 5:0.
Тој игра како класичен напаѓач, но добро се снаоѓа и на страничните позиции во тимот.
И ПСЖ и Барселона го следат развојот на младиот играч, и се заинтересирани за неговите услуги.