Реал Мадрид официјално го потврди доведувањето на левиот бек Марк Кукуреља од Челси за сума од 60 милиони евра. Шпанскиот репрезентативец потпиша шестгодишен договор до 2032 година.
Фудбалскиот клуб Реал Мадрид го комплетираше трансферот на левиот бек Марк Кукуреља од лондонскиот Челси, со што го зајакна својот дефанзивен ред. Вкупната вредност на трансферот изнесува 60 милиони евра.
Од таа сума, 55 милиони евра се фиксен дел, додека дополнителни пет милиони се предвидени преку бонуси. Челси, кој го доведе Кукуреља од Брајтон пред четири години за 65 милиони евра, со овој трансфер речиси целосно ги врати вложените средства. Шпанскиот репрезентативец потпиша договор со мадридскиот гигант до јуни 2032 година.
Кукуреља се смета за изрична желба на тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, кој го гледа како идеално решение за левата бековска позиција. Неговoто доаѓање е дел од пошироката реконструкција на одбраната на клубот, која вклучува и доведување на десниот бек Дензел Дампфрис и штоперот Ибрахима Конате, како и на Бернардо Силва.
Интересот за Кукуреља беше голем, а меѓу заинтересираните клубови се споменуваа Атлетико Мадрид, Барселона и Манчестер Сити. Иако тој претходно изрази симпатии кон Барселона, клубот од кој потекнува преку младинската школа, на крајот се одлучи за трансфер во главниот град.
Поранешниот играч на Челси, Брајтон и Хетафе, кој за лондонскиот клуб одигра 163 натпревари и постигна девет голови, сега е со шпанската репрезентација на Светското првенство.