Шпанскиот фудбал добива нова голема надеж, а во Реал Мадрид веруваат дека во својата академија имаат напаѓач кој во иднина може да остави сериозна трага. Станува збор за 15-годишниот Микел Лопез, кој зад себе веќе има импресивни голгетерски бројки, а неодамна со младата репрезентација на Шпанија се искачи на светскиот трон во конкуренција до 15 години.
Лопез важи за еден од најинтересните таленти во младинскиот погон на „кралевите“. Со висина од 192 сантиметри, физички потсетува на современите централни напаѓачи, но она што особено импресионира е неговата реализација. Во изминатите четири сезони во дресот на Реал постигнал дури 148 погодоци, а на Светското првенство во дресот на Шпанија шестпати ја затресе противничката мрежа.
Токму комбинацијата од висина, сила и голгетерски инстинкт е причината поради која шпанските медиуми го споредуваат со Ерлинг Халанд. Во Мадрид се свесни дека имаат фудбалер со огромен потенцијал, па веќе преземаат чекори за да го задржат во своите редови. Уште во ноември 2025 година му беше продолжен договорот, откако за неговите услуги се појави интерес и од други клубови.
Најважниот период, сепак, допрва доаѓа. Лопез во 2027 година ќе наполни 16 години, со што ќе се отвори можноста за потпишување на неговиот прв професионален договор. Тоа ќе биде момент во кој Реал ќе мора да покаже дека има јасен план за развојот на својот голем талент.
Неговите голгетерски способности се видливи уште од првите сезони во академијата. Во Реал пристигна од Канилјас, а во сезоната 2022/23 постигнал 30 голови. Една година подоцна беше уште поефикасен со 38 погодоци, додека сезоната 2024/25 ја заврши како најдобар стрелец во целата академија со 43 гола. Минатата сезона продолжил во ист ритам, постигнувајќи уште 37 погодоци за кадетскиот тим Б.
Дека станува збор за исклучителен стрелец говори и податокот дека уште во март 2025 година ја надминал бројката од 100 голови за Реал, со погодок на дуелот против Фуенлабрада.