Кошарка

Работнички продолжува со перфектниот старт, падна и Куманово

Работнички продолжува со перфектниот старт, падна и Куманово

Работнички ја продолжи победничката серија во домашното кошаркарско првенство, откако на домашен терен го совлада Куманово со 70:63 и го запиша четвртиот триумф од исто толку одиграни натпревари.

Кумановчани, кои на ова гостување пристигнаа по две последователни победи, се покажаа како сериозен противник, но во поголемиот дел од средбата домаќините беа подобриот ривал и на крајот заслужено стигнаа до новите бодови.

Натпреварот донесе неизвесна борба и чести промени на водството. Работнички подобро го отвори дуелот, но Куманово во финишот на првата четвртина направи пресврт и поведе со 19:18. Во продолжението двете екипи се менуваа во водството, а на полувремето Работнички замина со предност од 36:33.

Слична слика имаше и во третата четвртина, по која домашниот состав имаше минимални плус два (53:51). Сепак, кога се решаваше победникот, Работнички одигра најдобро. Во последните десет минути ја презеде контролата врз играта, ја зачува предноста и без поголеми проблеми го приведе натпреварот до крај за нова победа.

Со овој триумф, Работнички останува со максимален учинок од четири победи, исто како и актуелниот шампион МЗТ Скопје. Куманово, пак, има две победи и два пораза по четири одиграни кола.

Виктор Ефремовски беше најефикасен во победничкиот состав со 17 поени, додека Роберт Рикиќ придонесе со 12. Кај Куманово, Адем Мекиќ го заврши натпреварот со 18 поени.

Во преостанатите два натпревари, Кожуф славеше против Тиквеш со 90:81 и Пелистер се радуваше против Скопје со 101:94.