Фудбал

Претседателот на ФФМ Омерагиќ на средба со прволигашите: Иднината на македонскиот фудбал во фокусот

Претседателот на ФФМ Омерагиќ на средба со прволигашите: Иднината на македонскиот фудбал во фокусот

Федерацијата и клубовите со заеднички став дека само преку соработка може да се подигне квалитетот на домашното првенство.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, одржа работен состанок со претставниците на клубовите од Првата македонска фудбалска лига, на кој главна тема биле можностите за унапредување на клупскиот фудбал во Македонија.

На состанокот било разговарано за актуелната состојба во домашното првенство, но и за конкретни чекори кои треба да придонесат за подобрување на условите и подигнување на квалитетот на натпреварувањето.

Од ФФМ посочуваат дека е потребен заеднички пристап и поголема соработка меѓу Федерацијата и клубовите, со цел да се создаде посилна и поконкурентна домашна лига.

„Јас не се кријам зад Федерацијата, а не треба ниту клубовите да се кријат зад соопштенија. Се што сметаат дека треба да се подобри, сите предлози и идеи, можат директно преку органите на Федерацијата да ги предложат и достават. Само преку отворена комуникација можеме да дојдеме до решенија“, истакна Масар Омерагиќ на состанокот.

Посебен акцент бил ставен на прашањата поврзани со развојот на клубовите, инфраструктурата, организацијата на натпреварите, условите за работа и создавањето подобра средина за развој на младите фудбалери.

Омерагиќ на состанокот ја истакнал потребата клубовите и ФФМ да имаат отворена комуникација и заеднички да работат на решавање на проблемите со кои се соочува македонскиот клупски фудбал.

Целта е преку координиран пристап да се подигне нивото на Првата МФЛ, но и да се создадат подобри услови за македонските клубови во европските натпреварувања.

Од Федерацијата најавуваат дека ваквиот тип на состаноци и разговори со клубовите ќе продолжат и во иднина, со цел да се дефинираат конкретни мерки и активности за унапредување на македонскиот фудбал.

„Потребна е коректна и партнерска релација меѓу Федерацијата и клубовите. Ние како ФФМ ќе направиме се што е во наша можност и што сметаме дека е потребно за да го подигнеме нивото на натпреварувањето“, беше порачано на состанокот.

ФФМ во изминатиот период воведе и неколку значајни новини во организацијата на натпреварувањата, меѓу кои и ВАР-системот, а според најавите, подобрувањето на клупскиот фудбал останува еден од приоритетите.