Фудбал

Претседателот на Ла Лига со критики до ФИФА: Носат одлуки за свои интереси, среќа што Белгија ги мина САД

Претседателот на Ла Лига со критики до ФИФА: Носат одлуки за свои интереси, среќа што Белгија ги мина САД

Тебас јавно ја критикуваше светската фудбалска организација, и смета дека ако Белгија не ги минеше САД, ќе избиеше скандал.

Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, остро ја критикуваше Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за начинот на кој го организираше Светското првенство, обвинувајќи ги светските фудбалски лидери дека донесуваат одлуки во свои интереси, а не во интерес на играта.

По враќањето од Њујорк, каде што го следеше финалето на Светското првенство во кое Шпанија го освои шампионатот, Тебас во интервју за италијанскиот „ Ла Газета дело Спорт“ изјави дека бројни одлуки на ФИФА за време на турнирот биле мотивирани исклучиво од комерцијални причини.

„ФИФА ги организира работите како што смета за соодветно, за свои интереси, а не за фудбал. Паузите за хидратација беа фарса. Во Ла Лига ги имаме само кога температурите се навистина високи. На стадионите во Далас, Лос Анџелес и Атланта, климатизацијата беше вклучена и морав да носам џемпер. Паузата за хидратација беше пауза за реклами “, рече Тебас.

Тој конкретно се осврна на случајот со американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, опишувајќи го како „исклучително сериозен“.

„Имаа среќа што Белгија ги елиминираше САД, бидејќи во спротивно ќе избувнеше скандал што можеше да го чини Џани Инфантино неговата работа. Така целиот случај беше скриен под тепих, а тоа е само врвот на ледениот брег “, рече претседателот на Ла Лига.

Тебас смета дека ФИФА ги занемарува интересите на националните првенства и повторно предупреди за преоптовареност на фудбалскиот календар.

„Со години предупредувавме за проблемот со календарот, а сега тие сакаат да организираат Светско првенство со 64 екипи. Тоа нема смисла. Фудбалската индустрија не е само за Светското првенство. Националните натпреварувања го одржуваат спортот во живот, а ФИФА им се заканува со турнир што трае околу четириесет дена“, рече тој.