Фудбал

Премиерлигаш може да се засили со хрватски голгетер!

Премиерлигаш може да се засили со хрватски голгетер!

Хрватскиот напаѓач Дион Дрен Бељо игра во фантастична форма и го привлече вниманието на премиерлигашот. Динамо летово одби две понуди од по 20 милиони евра, но веќе во јануари би можеле да пристигнат нови.

Бељо е едно од имињата што се поврзуваат со можен трансфер во англиската Премиер лига. Напаѓачот на Динамо Загреб блеска во дресот на хрватскиот клуб, а според информациите од Островот, Евертон сериозно размислува да го ангажира уште во јануарскиот преоден рок.

Бројките најдобро ја покажуваат формата на Бељо. Тој годинава постигна 45 гола на 42 настапи за клубот и репрезентацијата, додека со три погодоци во Лига Европа се наоѓа на врвот на листата на стрелци.

Неговите настапи не останаа незабележани во Англија, каде што Евертон наводно го означил како приоритетна трансфер-цел за засилување на нападот.

„Евертон размислува за ангажирање на Бељо во јануари. Напаѓачот на Динамо е приоритет за клубот. Бељо оваа сезона постигна 17 гола на 16 натпревари, откако минатата сезона ја заврши со 38 погодоци. Сепак, Динамо има силна преговарачка позиција бидејќи договорот на Бељо важи до 2030 година. И покрај тоа, Евертон би можел да започне со реализација на трансферот уште оваа зима“, пишуваат англиските медиуми.

Загрепчани се свесни за вредноста на својот напаѓач и немаат намера лесно да се откажат од него. Според достапните информации, Динамо за Бељо бара најмалку 25 милиони евра, откако летово одби две понуди во вредност од по 20 милиони евра.

Евертон, во меѓувреме, разгледува и други опции за засилување на нападот, меѓу кои се Естебан Лепол од Рен и Џошуа Зиркзе од Манчестер Јунајтед. Бељо, според медиумските информации, би можел да биде финансиски поприфатливо решение.