Членот на тимот на Трекхаус, Аи Огура, стигна до својот прв триумф во кариерата во најсилната класа, откако славеше на трката за Големата награда на Холандија, која е десетта по ред во Мото ГП календарот оваа сезона.
Со овој успех, Огура се запиша во историјата како прв јапонски мотоциклист кој победил во премиерната категорија по повеќе од 20 години. Последен пат тоа му успеа на Макото Тамада на домашно тло во Јапонија во 2004 година, што значи дека меѓу овие две победи изминаа точно 7.952 дена.
Пред овој подвиг, 25-годишниот Јапонец имаше забележано шест славја во Мото2 конкуренцијата, каде што се закити и со шампионската титула пред две сезони. Во битката за првото место на патеката во Асен, тој беше побрз од својот тимски партнер Раул Фернандес за само осум десетинки. Со ова, двоецот му го донесе на Трекхаус првиот историски двоен триумф.
Третото место на пиедесталот му припадна на Хорхе Мартин на Априлија, заокружувајќи ја втората тројна доминација за италијанската марка во историјата, веднаш по онаа на Муџело. Но, додека Априлија славеше на легендарната „Катедрала“, трката во Холандија ќе сака што побрзо да ја избрише од меморијата Марко Безеки. Лидерот во генералниот поредок до овој викенд доживеа страшен пад уште во вториот круг на свиокот број 15, летајќи низ воздухот, по што веднаш беше транспортиран во медицинскиот центар на детални испитувања.
Зад водечката тројка најдобро се пласираше пилотот на ВР46, Фабио ди Џанантонио, иако мораше да одработи казна од „долг круг“ поради благ контакт со Марк Маркез во една директна пресметка. Што се однесува до Маркез, тој беше класифициран на шестата позиција, откако заработи казна од едно место поради излегување надвор од границите на патеката во финалниот круг.
The gladiators who made it to the Top 10 today ⚔️ #DutchGP 🇳🇱 pic.twitter.com/GiBD0gDjMY
— MotoGP™🏁 (@MotoGP) June 28, 2026
Следниот предизвик за возачите во Мото ГП шампионатот е трката за Големата награда на Германија, која ќе се вози на славната патека Заксенринг од 10 до 12 јуни.