Фудбал

По Карвахал, уште еден голем ветеран потпишува за Хетафе

По Карвахал, уште еден голем ветеран потпишува за Хетафе

Претседателот на клубот веќе контактирал со претставниците на искусниот дефанзивец, но неговата висока плата и големиот број стопери во тимот би можеле да ја закомплицираат реализацијата на трансферот.

Серхио Рамос би можел да се врати во шпанскиот фудбал, откако Хетафе покажал интерес за негов ангажман во зимскиот преоден рок.

Според информациите што ги пренесува „Кадена СЕР“, мадридскиот клуб сака да го доведе поранешниот капитен на Реал Мадрид и шпанската репрезентација како слободен агент. Претседателот на Хетафе веќе стапил во контакт со претставниците на искусниот дефанзивец за да ја испита можноста за договор.

Рамос е без клуб откако го напушти мексиканскиот Монтереј. Четириесетгодишниот стопер сè уште не ја завршил играчката кариера и е отворена можноста за нов предизвик во Европа.

Сепак, договорот нема да биде едноставен. Една од главните пречки е високата плата што ја бара Шпанецот, додека Хетафе во моментов има голем број играчи на позицијата централен дефанзивец.

Тренерот Хозе Бордалас, според медиумските информации, приоритет им дава на засилувањата на други позиции, па евентуалното доаѓање на Рамос ќе зависи и од потребите на тимот во текот на сезоната.

Рамос зад себе има блескава кариера, со бројни трофеи освоени со Реал Мадрид и шпанската репрезентација, вклучувајќи ја и титулата светски шампион во 2010 година. Настапуваше и за Севиља и Пари Сен Жермен, а во последниот период од кариерата играше во Мексико.