Преговорите се во напредна фаза, а англискиот репрезентативец наскоро би можел да стане најплатениот фудбалер на шампионот
Деклан Рајс е блиску до потпишување на нов, долгорочен договор со Арсенал, објави Би-Би-Си. Преговорите меѓу англискиот репрезентативец и клубот од Лондон се во напредна фаза.
Актуелниот договор на 27-годишниот играч за врска истекува на крајот од следната сезона, но Арсенал сака навреме да ја осигури неговата иднина на „Емирати“.
Доколку договорот биде официјализиран, Рајс би требало да стане најплатениот фудбалер во тимот на актуелниот шампион на Премиер лигата, заедно со Букајо Сака. Според информациите, Сака заработува околу 350.000 фунти неделно, додека актуелната плата на Рајс е околу 240.000 фунти неделно.
Рајс пристигна во Арсенал во летото 2023 година од Вест Хем за рекорден трансфер за клубот и брзо се наметна како една од клучните фигури во тимот на Микел Артета.
Неговиот нов договор би бил уште еден важен потег на раководството на Арсенал, откако клубот неодамна го продолжи договорот со Артета до 2030 година. Шпанскиот стратег со новиот договор стана и најплатениот менаџер во Премиер лигата.
Така, Арсенал во краток период успеа да ги обезбеди долгорочните услуги на својот тренер и на еден од најважните играчи во составот.