Брегалница во Штип ќе ја пречека Шкендија Арачиново, а Шкендија од Тетово е домаќин на Тиквеш во двата меча од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) кои се играат денеска.
По првите пет одиграни кола може да се каже дека Брегалница е „домашна“ екипа. Штипјани славеа убедливо на двата дуели кои ги одиграа пред своите навивачи, а беа немоќни на гостински терен каде ги загубија сите три меча.
Денеска во Штип гостува екипата на Шкендија Арачиново која досега се покажа во солидно издание.
„Играме дома пред нашите верни навивачи, а тоа е мотив обврска за нас да дадеме максимум од своите можности. Во никој случај не го потценуваме противникот, но одиме на победа уште од првата минута и ќе атакуваме уште од самиот старт на мечот. Очекувам да се вратиме на победите и да ја израдуваме нашата публика. Ги поканувам навивачите повторно да ги исполнат трибините на стадионот во Штип, и на крајот сите заедно да славиме“, рече Мартин Стојанов, голгетерот на Брегалница за сајтот на ФФМ.
Арачиновци велат дека имаат шампионски менталитет и нема со бело знаме да отпатуваат во Штип.
„Атмосферата во соблекувалната е фантастична по победата во Куманово. Со последните засилувања го комплетиравме тимот и формата ни оди во нагорна линија. Екипата влегува во вистински ритам и делува сè посигурно на теренот. Шкендија Арачиново е клуб со шампионски менталитет. Управата и верните навивачи од нас секогаш бараат победа, без разлика кој е од спротивната страна. Со иста таа желба и енергија влегуваме и во мечот во Штип,“ порачува офанзивецот Амир Нухија.
Во тренинг центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ, Шкендија ќе го пречека тимот на Тиквеш. Тетовскиот тим има максимални пет од пет, денеска оди по шестата победа.
Тиквеш се надева дека ќе може да биде првиот тим кој ќе ѝ земе бодови на силната Шкендија.
„Очекувам тежок натпревар, Шкендија е во одлична форма, има и одлични индивидуалци. За нас најважно е да бидеме компактни како екипа, да не им оставиме простор и да ги искористиме шансите кои ќе ни се пружат. Ако бидеме максимално дисциплинирани и борбени во текот на целиот меч, верувам дека можеме да им парираме и да стигнеме до позитивен резултат. Ремито со Вардар нѝ даде самодоверба, бидејќи покажавме дека можеме да се носиме и со квалитетни екипи. Ако ја повториме енергија и пристапот кој го имавме против Вардар, мислам дека можеме да дојдеме до добар резултат и да ја изненадиме Шкендија“, вели Бесир Рамадани од Тиквеш.
Натпреварот меѓу Брегалница и Шкендија Арачиново почнува од 18:30 часот, дуелот на Шкендија Тетово со Тиквеш е од 19 часот. Двата меча ќе може да ги следите низ директни преноси на Арена Спорт Македонија.